„Југослав“ е роман за загубата на таткото, а со него и загубата на детството, но и на државата во која бевме деца. За генерациите што растевме за време на распадот на Југославија, но уште повеќе, за генерацијата пред нас, онаа на нашите родители, што имаа можност дел од младоста да им мине во Југославија каква што ја паметат југоносталгичарите. Тој кус период на спокој и на уживање, времето кога се работело од седум до три, а потем следувале семејните ручеци, попладневните дремки, дружење, двонеделни одмори на море... Ова е роман за сите ќерки што кога се гледаат во огледалото ја гледаат женската верзија од татка си. А кога ќе станеме мајки, ги бараме неговите црти и фацијални експресии во нашите деца. Роман за недостигот, за бизарноста на смртта. Роман во кој секој ќе се препознае себеси или своите блиски, напишан како интимна исповед, како роман на текот на свеста, питок и елегичен. Роман што ќе ве потсети на деталите од космосот на детството, но и на хаосот што зреењето и соочувањето со смртта го носат. Роман ‒ емоционален ролеркостер! Што ќе ве насмее и ќе ве расплаче во една единствена реченица.
| Карактеристика | Вредност |
|---|---|
| Kатегорија | Современа книжевност |
| Автор | Ана Вучковиќ |
| Издавач | ПНВ Публикации |
| Јазик | Македонски |
| Повез | Мек повез |
| Година на објавување | 2021 |
| Број на страници | 102 |