„’Едно и пол патување’ од современата албанска поетеса Мањола Наси е врвна поезија со зачудувачка зрелост, јасност и моќност својствени за перата на големите поет(ес)и што го обележуваат нашето постоење. Во овие песни зборовите се „изгореници“ на егзистенцијалниот оган меѓу себството (‘мостот сум јас, и јас е мостот’) и другиот, меѓу животот и смртта, која, кога пристигнува, ги разбиструва идеите, меѓу глобализираниот човек и осаменото битие, меѓу домот како скршена школка што веќе не те заштитува и општеството поразено од сопственото распаѓање, меѓу минатото кое сме ние и сегашноста во сета своја брутално трагикомична реалност. Стиховите на Мањола Наси се визуелни одрази на заминувањата и враќањата во кои лирскиот субјект, без разлика дали е машки, женски или детски, е толку живо присутен и автентичен што не можеме да не се препознаеме во слоевите време и простор што ги испишува, а од кои се состои и нашиот личен живот. Оваа поезија е иманентно ангажирана, игриво непосредна и хуманистички свесна за светот во себеси, тргнат на едно и пол патување околу себе, за да се спознае и спаси, самиот од себе и секако, од нас“, пишува за книгата, писателката и поетеса Лидија Димковска.